Мисловен ритуал ~ 2013
Во длабочините на ноќта, која
веќе одамна им влеала мир на сите околу мене,
чувствувам немир кој ми ги скокотка мислите.
Истиот оној кој и уличните светилки го чувствуваат
додека ѝ пркосат на темнината.
Во Галаксијата на мозоков – Црна дупка,
ја вовлекува сета позитива.
Во срцево – бура од емоции,
а јас молчам.
Ми се чини го галам лицево,
а всушност ги бришам солзите уште пред да потечат.
Маската која преку ден ме загушува
е веќе одамна симната од моето лице.
Имам лузни од истите мисли, кои
секојдневно го сецкаат срцево на парчиња.
Ова сум јас..
со празен поглед од очи полни солзи
и насмевка превртена наопаку.
Продорна и нема
без зборови пред самата себе,
зашто веќе кажано е сè.
Во длабочините на ноќта,
два-три снопа светлина и молк.
Хаотична внатрешност
со примеси на вознемирувачка смиреност.
Во длабочините на ноќта
водам монолози за неизустени мисли,
молчам и не чувствувам.
Во тишината душава го најде својот спас.